Чудесната приказна за Пелистер – Видео

17.07.2024

Извишен над Битола од едната страна и магичната Преспа од другата страна, Националниот парк Пелистер пленува со посебна убавина. Спој на уникатен растителен и животски свет кој живее помеѓу камените реки, густите молики и шумските патеки кои водат до езерата со кристална зелено-сина боја. Магијата на Пелистер ни ја претставија оние ја чуваат неговата убавина, ренџерите на националниот парк кои ја знаат секоја негова педа и го чуваат ова парче недопрена природа со кое се гордееме.

Нa површина од околу 17.150 хектари и надморска височина од околу 891 до 2.601 метар, во југозападниот дел на државата помеѓу Преспанската котлина и Пелагонија, е сместен Националниот парк Пелистер, првиот национален парк во Македонија и во тогашна Југославија, прогласен во далечната 1948 година. Од тогаш до денес ова прекрасно парче природа сместено помеѓу Битола и Преспа, е дом на ретки ендемични и животински видови, место за одмор и рекреација и едно од најубавите заштитени природни богатства во земјава.

   

Пелистер по многу нешта е специфичен и препознатлив. Неговите глацијални езера, камени реки т.н морени, богат и вреден биодиверзитет со преку 1300 таксони на растенија, повеќе од 20 врвови кои се протегаат на надморска висина од преку 2.000 метри, околу 45 реки и извори и богато култуно наследство… Посебно привлечни за туристите се двете леднички езера Пелистерски очи- големото и Мало Езеро исто така познати како „Горски очи“. Она по што е најпрепознатлив е петто- игличестиот бор, молика.

Моликата е откриена од страна на германскиот ботаничар Август Гризебах во 1839 година. Ја има и во други држави и планини на Балканскиот Полуостров, меѓутоа на Пелистер гради најкомпактна и најкарактеристична шума. Моликата е пионерски вид, односно брзо освојува голини, чистини и камењари.

Целиот пост можете да го прегледате на следниот ЛИНК на порталот ТРН.МК

 

Од денеска се воведува целосна забрана за движење во шумите

15.07.2024

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште. Ваквата согласност се дава согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“, и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат.

За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.