Геоморфологија

Националниот Парк „Пелистер“ изобилува со разни видови релјефни облици кои се формирани низ долготрајни и мошне сложени природни процеси.

Камени реки – Морени

Од периглацијалните релјефни појави на Пелистер, секако дека највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се всушност наклони на релјефот исполнети со дробински материјал, составен од блокови на гранити, долерити, габрови и кварцни шкрилци, натрупани едни врз други, без никаква ориентација. Тие се создадени во времето кога во највисоките делови на планината владеела снежна клима, со лизгање на блоковскиот материјал по подлогата, поради нејзиното наизменично замрзнување и одмрзнување. Камените реки се најизразени на северната страна на возвишението Црвена Стена и над месноста „Копанки“. На одделни места на Пелистер, камените реки сочинуваат низа долга и до 3км.

       

Во високопланинските предели на Пелистер, присутна е уште една интересна појава. Тоа се камените мориња. Овие маркантни периглацијални релјефни форми настануваат со мразно раздробување на карпестата подлога, која што обично е со благ наклон, така што разорениот карпест материјал останува на самото место на создавањето. Класична појава на едно вакво море од камења може да се види на североисточната страна од врвот Пелистер, во правец на врвот Стив.

               

 

Во високите делови на Пелистер каде доминира фосилниот глацијален релјеф, се среќаваат и низа други интересни релјефни појави. Тоа се острите карпести гребени, неправилно натрупаните карпести громади по широките планинските била, слизнати блокови, камените прстени, тревните тераси и други појави кои што го збогатуваат спектарот на природните реткости на Пелистер.

                 

На планината Пелистер постојат зачувани траги и од дилувијалната планинска глацијација. Тие се изразени во вид на морени и циркови. Од четирите цирка, колку ги има на Пелистер, два се исполнети со вода и егзистираат како глацијални езера.