Флора

           

Флората во Националниот Парк Пелистер со своето бо­гат­ство, разновидност и колорит претставува една од најзна­чај­ните вредности на биолошката разновидност на оваа плани­на и го привлекува интересот на истражувачите, посетителите и вљубениците на најстариот и еден од најубавите национални паркови во РС Македонија.

           

Флората на Пелистер сега брои 1307 таксони. Пелистерската флора со своето богатство и разновидност од секогаш го привлекувала вниманието на истражувачите. Флората од Пелистер и Баба Планина за прв пат им станува позната на поширокиот круг ботаничари после појавата на пионерското дело на Grisebach (1843-44): Spicilegium florae Rumelicae et Bithynicae, каде што за прв пат се наведуваат флористички податоци за територијата на Македонија, а во тој контекст и за Пелистер. Имено, германскиот ботаничар Grisebach e првиот ботаничар која ја посетyва оваа планина (1839) и при тоа опишал неколку нови видови за науката, помеѓy кои и видот Pinus peuce Grisebach (молика), која претставува заштитен знак за Пелистер.

             

Во Додатокот на Планот за управување со НП „Пелистер” од 2006 година, беа вклучени само 1034 таксони растенија. Од нив, 21 беа мовови, на кои дополнителните истражувања во 2019 г. додадоа дури 273 нови видови мовови, кои се регистрирани главно од страна на истражувачот Kimmo Syrjanen. Со тоа, флората на НП „Пелистер” сега претставена со 1307 таксони.

На Пелистер растат 88 видови дрвја, што претставува застапеност на 29% од вкупната дендрофлора во Македонија. Најголем дел од шумските површини на Пелистер се под бука, а моликовите шуми  (Рinиѕ реисе Grisebach) овде образуваат пространи и биолошки витални по­пу­лации во висинскиот распон од 700 – 2200 м и претставува  флористички заштитен знак за пелистер. Дабовите шуми – 487 ха – на пелистер претставуваат најмала шумска површина. Останатите се мешовити шуми и тоа: моликово – елови, моликово – букови, моликово – буково – елови, буково – елови и буково – дабови шуми. Во вегетацијата на Пелистер се среќаваат 21 растителна заедница, од кои 8 се шумски (асоцијации и субасоцијации ), а 13 се тревни заедници.

             

Интересот за флората на оваа планина како во минатото така и денес е присутен кај голем број странски и домашни ботаничари – флористи и фитоценолози. Во нивните трудови постепено се разоткрива оваа ботаничка ризница и постојано се надополнуваат сознанијата за нејзините флорно – вегета­циски карактеристики.Покрај вишите растенија, во флората на Пелистер најзастапени се цвет­ни­те (скриеносемени) растенија со над 900 видовн. Помеѓу нив најдоминантни се фамилиите Asteraceae (Compositae), Caryophyllaceae, Fabaceae (Leguminosae), Poaceae (Grami­ne­ae), Rosaceae, Lamiaceae (Labiatae) и други.