Хидрологија

Река Шемница –  реката со најдолг водотек од пелистерските реки

Пелистер има развиена хидрографска мрежа, така што ова подрачје изобилува со извори, потоци и планински реки, а има и две глацијални езера.

Пелистерскиот масив е испресечен со поголем број на живописни планински реки низ кои течат бистри и ладни води. Сите ја сочинуваат нивната исконска дивина во декорот на планинскиот пејсаж. Тие се украс на планината и го облагородуваат пејсажот низ кого протечуваат.

Едни од водите течат кон Преспанското Езеро и припаѓаат на Јадранскиот слив, а други преку Пелагонија, на Егејскиот слив. Од високите планински била кон околните котлини се спуштаат 23 речни текови. Тие имаат изразит планински карактер. Најдолг водотек на Пелистер со должина од 46 км е реката Шемница.

Од хидрографските објекти, со посебна привлечност се двете глацијални езера – Големото и Малото Езеро на Пелистер, познати како „Пелистерски Очи“.

Големото Езеро лежи на надморска височина од 2218м. Toa е едно од највисоките глацијални езера во Македонија. Се протега во правецот север-југ. Зафаќа површина од 4.2 ха. Долго е 223 м, широко 162 м, со длабочина од 14.5 м.

Малото Езеро лежи на 2180 м. н. в. Се наоѓа во изворишната челенка на Црвена Река. Долго е 79 м, широко 68 м, со длабочина од 2.6 м. Оддалечено е околу 2 км од Големото Езеро, во северозападен правец.