Гранитите на Баба Планина

Гранитите на Баба Планина

Во проширениот опфат на НП „Пелистер”, најголема површина зафаќаат палеозојските шкрилести карпи. Истите имаат разновиден литолошки состав, а според основната геолошка карта 1:100000, листовите Битола и Лерин, овде се издвоени: серија на кварц-серицитски и зелени шкрилци и филитоидна серија. Покрај нив, значителна површина зафаќаат гранитоидни карпи, кои исто така се со палеозојска старост. Гранитите го градат магматското јадро на Баба Планина во вид на големо магматско тело – батолит. Гранитната маса е издолжена во правец север – југ, со прекини низ целата должина на планината, а широчина е од 5 до 10 km.

Освен палеозоикот, како втора основна стратиграфска компонента во делот на НП „Пелистер” се тријаските формации, кои се значително помалку присутни. Во рамките на тријасот се издвоени: габрото (пироксенско и амфиболско), дијабази, долерити, како жилни еквиваленти на габродијабазната магма и најмладите мермекитски гранити.