Нижеполе – Големо езеро

Нижеполе – Големо езеро

Нижеполе – Големо езеро    –   Во овој правец водат неколку патеки, наведени подолу под реден број.

 

1. Патека по Дебел рид

Опис на патеката: Патеката долга е 6 километри и временски трае 3 – 3,30 часа.

 

Патеката започнува од село Нижополе оди по месноста Дебел Рид и води директно со искачување до Големо Езеро.

Намената на патеката е планинарска, рекреативна и визуелно е атрактивна, проаѓа наспроти Црвени Стени и има прекрасна глетка кон таа страна на карпестите падини на Пелистер, потоа има поглед кон Врвот Пелистер, кон Битола и Пелагониската котлина.

Тежина: Средно тешка.

Стартно место/надморска  висина: Село Нижеполе на 1.170 мнв.

Крајна точка: Големо Езеро 2.218 мнв.  Вкупна денивелација: 1.048 мнв.

   

   

Доминантен дрвенест вид вдолж патеката е буката, евлата, потоа смреката, папрадот, полегнатиот каранфил, разни планински декоративни цветни видови, како и лековити растенија, пред се боровинката. Од животинските видови може да се сретне срна, волк, лисица, дива свиња, зајак, смок, повеќе видови пеперутки и инсекти.

                

Патеката е од значителен туристички интерес за посетителите кои се интересираат за полу-алпинистичко и брзо искачување до Големо Езеро и е привлечна за љубителите на пејзажот. Има убав поглед кон Црвени Стени, карпест предел од историско значење, бидејќи во Првата светска војна токму на таа локација се случила најголемата битка на Пелистер кога се судриле бугарските и француските единици, при што француската војска имала голем број загуби: околу 6.000 војници загинале таму.

 

2. Ски центар село Ниже поле – Големо Езеро (Патека по Река Сапунчица)

 

                                          

Опис на патеката: Патеката долга е 9 километри и временски трае 4 часа.

Патеката се започнува од село Нижополе, оди покрај Ски Центарот и преку Орлови Бари води до Големо Езеро.

Намената на патеката е планинарска, рекреативна и визуелно е атрактивна, проаѓа наспроти Црвени Стени и има прекрасна глетка кон таа страна на карпестите падини и кон неколку врвови на Баба Планина (Скрково, Муза, Голема Грива), проеѓа покрај т.н. Дурмиш Чешма, има прекрасен поглед кон Битола и Пелагониската котлина, проаѓа покрај месноста Орлови Бари, и преку т.н. „Француски пат“ стигнува до Големо Езеро.

Тежина на патеката: Средно тешка.

Стартно место/надморска  висина: Ски центар Нижеполе – на 1.360 мнв.

Крајна точка: Големо Езеро 2.218 мнв.

Вкупна денивелација: 858 мнв.

 

Доминантен дрвенест вид вдолж патеката е буката, смреката, нискостеблеста молика, бреза и поретко ела, боровинка, малинка, капина, јагода и разни видови на планински  декоративни цвеќиња, како и линцурата и други лековити растенија. Од животинските видови може да се сретне дива коза, дива свиња, мечка, волк, лисица, зајак, смок, орел, еребица, а во Реката Сапунчица – пелагониската пастрмка и повеќе видови пеперутки и инсекти.

 

Патеката е привлечна за љубителите на пејзажот. Има убав поглед кон Црвени Стени, карпест предел од историско значење, бидејќи во Првата светска војна токму на таа локација се случила најголемата битка на Пелистер. Патеката има прекрасен поглед кон Битола и Пелагонија, а особено врз долината на Реката Сапунчица.