Инфоцентар – Големо Езеро – Две варијанти

Инфоцентар – Големо Езеро – Две варијанти

Инфоцентар – Мало Езеро – Врв Пелистер (Патека по Широка) 

  1. Прва варијанта: Инфоцентар – Мало Езеро – Врв Пелистер (Патека по Широка) 
  2. Втора варијанта: Инфоцентар – Големо Езеро

 

     

  1. Прва варијанта: Инфоцентар – Мало Езеро – Врв Пелистер (Патека по Широка)

 

Опис на патеката: Патеката долга е 13 километри и временски трае 4,30 – 5 часа.

 

Патеката започнува од Информативниот центар на Пелистер, месноста „7 Кладенци“, позната како локација: „Вилата на Лазо“. Патеката проаѓа низ локалитетот Цапарска Пресека, покрај т.н. Ловечка Куќа, излегува на локацијата – Широка, а во бизина на местото каде треба да се сврти лево кон Антена и Врвот Пелистер,  се слегува до Малото Езеро.

Намената на патеката е планинарска и рекреативна, и визуелно е атрактивна, со врвот Козји Камен и долината на Цапарска река и Пелагонија. Од местото на свртување кон Антена и Врвот Пелистер се отвора поглед и видливост кон Преспанската Котлина. Кога ќе се искачи до Врвот Пелистер, има поглед кон: Преспанската Котлина, Пелагониската Котлина, врвовите на Баба Планина и градот Битола.

Тежина на патеката: Средно тешка патека.

Стартно место/надморска  висина: Инфоцентарот на НП Пелистер на 1.360 мнв.

Крајна точка: 2.601 мнв Врв Пелистер, вкупна денивелација: 1.241 мнв.

Флора и фауна: Доминантен дрвенест вид вдолж патеката е моликата или, македонскиот бор, (Pinus peuce Grisebah), и елата (Abies alba), папрадот, жолтата јаглика, качунката, полегнатиот каранфил, здравецот, линцурата, боровинката и сл., а од животинските видови може да се сретне, срна и срндак, мечка, волк, лисица, зајак, верверица, крт, повеќе видови птици, пеперутки, инсекти и др.

     

Патеката е од значителен туристички интерес за посетителите кои се интересираат за искачување до Врвот Пелистер. Патеката е позната како Патека до Антена, бидејќи поголемиот дел проаѓа и се совпаѓа со единствениот земјен пат кој води кон Антена (Врвот Пелистер), откако ќе се сврти лево од главниот плаанински пат, кој продолжува до Големо Езеро.

                  

Патеката е целосно одбележана според планинарските стандарди. По патеката пред да се стигне до Широка постои планинарска куќа – наречена „Ловечка куќа“, а од неодамна е со ново име, наречена: „Планинарски дом Широка“, го користи и одржува Планинарскиот клуб „Димитар Илиевски Мурато“ од Битола.

 

 

2. Втора Варијанта: Инфоцентар – Големо Езеро

 

Оваа варијанта е идентична со Првата варијанта, до локацијата каде што патеката (планинскиот пат) се двои кон Врвот Пелистер. Втората варијанта продолжува од таму до Големо Езеро.

Должината на патеката Инфоцентар – Големо Езеро е 22 км. 

Тежина на патеката: Средно тешка патека.

Стартно место/надморска  висина: Инфоцентарот на НП Пелистер на 1.360 мнв.

Крајна точка: 2.218 мнв Врв Пелистер, вкупна денивелација:  858 мнв.

Флора и фауна: Доминантен дрвенест вид вдолж патеката е моликата или, македонскиот бор, (Pinus peuce Grisebah), и елата (Abies alba). Во пределот над моликовата шума се распростираат високопланинските пасишта на Пелистер, кои во пониските делови се измешани со боровинка и смрека, а во повисоките делови со боровинка и видови на тревни заедници од посебно флористичко значење.

Патеката е од значителен туристички интерес за посетителите кои се сакаат да се искачат до Врвот Пелистер, да го посетат и видат Малото Езеро, но пред се да го посетат Големото Езеро на Пелистер. Овие две езера се наречени Пелистерски Очи.

       

Од искачувањето до локацијата Широка и местото викано Семафори се отвора поглед и видливост кон Преспанското Езеро и Преспанската Котлина, и кон Врвовите кои гравитираат на таа страна од Баба Планина: Два Гроба, Голема Чука, Мала Чука,  дел од Долината на Маловишка Река. Потоа се отвора поглед кон селата Крани и Арвати, на лево кон Врвот Марушица.

           

Кога ќе се продолжи по патеката (планинскиот пат) од лева страна се отвора поглед кон Дебел Рид, врвовите: Скрково, Муза и  Грива, а во долината под Врвот Пелистер се отвора поглед кон Црвени Стени и карпестите падини на планината, кои слегуваат кон селото Нижополе.

 

                         

Патеката е целосно одбележана според планинарските стандарди. По поминувањето на малата висорамнина патот води до циркот на Големото Езеро, кое се наоѓа под Врвот Ветерница, а покрај езерото се наоѓа Планинарскиот дом, позната како Домот на Големо Езеро, а го носи името на алпинистот Димитар Илиевски – Мурато, првиот Македонец кој се искачи на Монт Еверест.