Брајчино

Брајчино

Селото Брајчино е сместено на источниот дел од Преспанско Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во средишниот дел на живописната Брајчинска Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 1000 метри. Брајчино се наоѓа во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Ресен, чиј атар се издигнува до југозападниот срт на планината Баба, каде што се допира со атарот на Општина Битола, како и со државната линија на Република Грција. Селото е оддалечено  6 км  од езерото, и на 32 километри оддалеченост од градот Ресен.

Во областа Преспа, Брајчино има најголем селски атар со површина од 6028 ха  ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна и иглолисна шума (даб, бука, јавор, јасен, бор, ела, смрека и др.) и тревнати пасишта, по кои сè до Втората светска војна паселе многубројни стада овци. Од вкупната површина на атарот на селото 500 ха се обработливо земјиште, 2780ха  пасишта и 2400 ха шума.

Низ селото тече бистрата и бујна Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало од нејзината лева страна и Долно Маало на нејзиниот десен брег.  Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи бистри водотеци (леви и десни притоки на Брајчинска Река или Стара Река, како што ја нарекуваат мештаните) на која некогаш во селото работеле 12 воденици и 4 валалници.

Брајчино е село од собран тип, со стари и нови куќи, сите на кат, градени од камен, а поновите од блок-тула, покриени со ќерамиди. Поголем број од постарите куќи се обновени, а се изградени и нови.  Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на четири поголеми маала.  Маалата меѓусебно ги поврзуваат два бетонски моста на Брајчинска Река и повеќе стрмни, тесни, но асфалтирани улици. Покрај Брајчинска Река, како нејзина лева притока, низ селото тече и реката Брезница. Селото Брајчино е на пат да стане привлечно туристичко место.

Планинските падини околу Брајчино изобилуваат со густа букова и дабова шума, а од самото село почнувајќи од ширината на игралиштето пред Горното Маало водат неколку обележани планинарски патеки кои низ густата букова, дабова и ореова шума, богата со извори, водат кон врвот Пелистер (3 часа) и Големото Езеро од Пелистерски Очи (6 часа), планинарските домови Неолица и Копанки и селото Нижеполе во Битолско, кои се обележани со патоказни табли и планинарско обележување.

И во Брајчино е многу застапено овоштарството – одгледувањето јаболка, а во помали размери и цреши, сливи, круши, ореви. Поради густите шуми и цветните ливади, во селото е многу развиено и пчеларството и производството на мед со кое се занимаваат повеќе жители и сопственици на викенд-куќи.

Особено значаен е развојот на туризмот, за кој се користат планината, близината на Преспанското Езеро, занимливата архитектура на селото и црковни храмови. Еден број од жителите на селото живее само од развојот на селскиот туризам. Поголемиот број на посетители се домашни туристи, додека останатите се главно туристи од Европа, Америка и од Австралија.