Хидрологија / Хидрографија

Хидрологија / Хидрографија

Хидрологија – хидрографија

Делот од планината Баба кој припаѓа на НП „Пелистер” е богат со извори и поголем број постојани и повремени водотеци. Изворите се распределени низ целата територија на планината. Дел од изворите во границите на Националниот Парк се каптирани и на нив се изградени чешми. На планината се регистрирани 45 извори, а поголемиот дел од нив се наоѓаат во сливот на Црна Река (32 извори). Во сливот на Преспанското Езеро се регистрирани 13 извори, но вистинскиот број сигурно е поголем. Поголемиот дел од изворите не пресушуваат во текот на годината и имаат изедначена издашност, која е мала, обично помала од 1 1/ѕ. Но, има и извори чија издашност достигнува до 5 1/ѕ.

             

Покрај големиот број извори, планината Баба е богата и со водотеци. Реките се формираат од двете страни на главниот гребен кој претставува вододелница помеѓу Егејскиот и Јадранскиот слив. На исток истекуваат водотеците кои се влива во Црна Река, најголема притока на реката Вардар, а на запад, површинските води се вливаат во Преспанското Езеро кое припаѓа на сливот на Црни Дрим, односно на Јадранскиот слив.

 

       

На просторот на НП „Пелистер” поминуваат Брајчинска Река, реките Боројца, Губишица и Дрмишар, Езерска Река, реките Зли Дол и Крива Кобила, Кранска Река, Маловишка Река, Магаревска Река, Манастирска Река, реките Марушица и Мала Корија, Ржанска Река, реките Станишар, Стара Бука и Сапунџица, Црвена Река, реките Тапо Боте и Шемница, Цапарска Река и Ротинска Река.