Биоми

Биоми

Биогеографски карактеристики

Во НП Пелистер се среќаваат четири основни биоми, како и елементи од биом. (Биом претставува пространство со воедначени климатски услови и каде се развиваат комплекси од екосистеми, од кои еден доминира. Во суштина биомите претставуваат големи екосистеми. Примери за биоми се тундра, тајга, степа, пустина и др.).

Биом на субмедитерански, главно листопадни шуми и шибјаци (зонобиом на медитеранско-балкански шуми. Биомот на субмедитерански, главно листопадни шуми и шибјаци се простира на височина од 300 до околу 1000 м. Во овој биом на територијата на Пелистер спаѓаат растителните заедници од појасот на благун-габеровите шуми (Querco-Carpinetum orientalis) u плоскачево церовите шуми (Quercetum frainetto-cerris) кои се распространети во крајниот северозападен дел на НП Пелистер (Тутуница).

                                                                                                 

• Биом на јужноевропски, претежно листопадни шуми (зонобиом и оробиом на балканско-средноевропски шуми). Најчесто зафаќа височини помеѓу 500 и 800 м. Во рамките на овој зонобиом на територијата на Пелистер може да се вклучат појасите на горуновите шуми (Orno- Quercetum petraeae), подгорските и горските букови шуми (Festuco heterophyllae- Fagetum u Calamintho grandiflorae-Fagetum).

• Биом на европски, претежно иглолисни шуми од бореален тип (оробиом на европски шуми од ти пот на тајга). Европските шуми од ти пот на тајга денеска го зафаќаат подрачјето во североисточна Европа, а на балканските планини тие се среќаваат во вид на мали петна на северно-ориентираните падини. На Пелистер се среќаваат едни од најважните шумски екосистеми од овој биом во Македонија, како што се моликовите и еловите шуми.

• Биом на високопланински камењари, пасишта и снежници (оробиом на високо- планински камењари, тундра и високопланински пасишта). Оробиомот на високопланински камењари, тундра и високопланински пасишта денеска ги зафаќа врвовите на европските планини. На балканските планини, во овој оробиом може да се вклучат деловите над 2000 мнв. На Пелистер, во овој оробиом може да се вклучат сите заедници кои се развиваат на највисоките делови, над шумската граница.