Тектоника

Тектоника

Сложените и повеќефазни тектонски активности на планината Баба, како примарна структура (батолит), резултирале со создавање на секундарни структури: регионални и локални раседи, антиклинали и синклинали.

По должината на северната рамка на планината Баба се протега регионален расед, или раседна зона, која на места е широка и до 1000 m. и се карактеризира со тектонски бречи. Оваа раседна зона почнува од Преспанскиот Басен, па преку селото Кажани до селото Трново оди од запад кон исток. Од Трново скршнува кон југоисток и во тој правец се движи до селото Крстоар, понатаму скршнува кон југ и се движи по источната рамка на планината Баба, до државната граница со Република Грција, од каде повторно скршнува кон југоисток. Овoj расед од северната страна го предиспонирал асиметричниот гребен Ѓавато, а од источната страна Пелагониската Котлина. По должината на западната рамка на планината Баба се движи регионален расед, кој ја предиспонирал Преспанската Котлина. Денес, овој расед е препокриен со квартерен материјал (флувио-периглацијален и делувијален), поради што тешко се следи неговото протегање. Најизразен е во околината на селата Дупени, Асамати и Подмочани, каде се забележува во широчина од 500 m.
Синклиналата Висока Чука претставува крупна структура, изградена од зелени шкрилци, кварцни шкрилци, кварцити, гранити, габрови, дијабази и риолити. Во североисточниот дел на структурата се развиени две хоризонтални секундарни бори, чии оски имаат правец на протегање северозапад – југоисток.

Најкрупната секундарна структyра на планината е Пелистерската антиклинала. Таа е изградена од кварцити, кварцни шкрилци, гранити, гранодиорити, зелени шкрилци, габрови и дијабази. Има асиметрична форма со многу поизразено источно крило. Северниот дел од источното крило прави моноклинала, која кон север паѓа доста стрмо.
По долината на Брајчинска Река се јавува Брајчинската антиклинала, чија оска е попречна на оската на Пелистерската антиклинала.
Тријаските наслаги се слабо дислоцирани. Градатедна блага и широка брахисинклинала, која со повеќе локални раседи и со гранитската интрузија е раскината на одделни блокови.
На планината Баба се сретнуваат и одредени метални (Fe, Mn, Cu, Pb, Zn) u неметални (азбест, фелдспати, каолин, кварц, долерит) минерални суровини.