Геологија и литологија

Геологија и литологија

Геологија и литологија

Геолошката градба на Баба Планина како типичен хорст ја чинат претежно палеозојски шкрилци и гранити, кои по тектонски и ерозивен пат се откриени во средишниот дел. Главниот гребен на север започнува со врвот Козји Камен (2137 m), а завршува на територија на Грција. Кон исток и запад, од него се издвојуваат странични гребени кои меѓу себе се раздвоени со речни долини.

           

Главниот планински гребен воедно е водораздел помеѓу Јадранскиот и Егејскиот слив. Важен елемент во релјефот на Баба Планина се старите флувиоденудациски зарамнини на височина од 1660 до 1900 m, кои се длабоко расчленети со речиси паралелни долини. Во релјефната структура на планината, освен истакнатите гребени, доминираат длабоко всечените долини, најчесто тектонски предиспонирани. Такви се долините на Маловишка Река, изворишниот дел на реката Драгор, Брајчинска Река и др. Од морфо-скулптурните елементи, особено се истакнуваат камените реки на височина од 1300 до 2000 m, кои се едни од најмаркантните на Балканскиот Полуостров.

           

Плавините се исто така важна релјефна одлика, а се јавуваат во еден долг појас покрај источното, северното и западното подножје. Високопланинските делови на Баба, за време на плеистоценот биле зафатени со глацијација која оставила свои траги во денешниот релјеф, во вид на фосилни глацијални форми: циркови и морени. Траги од циркови има над 1900 m н.в. од кои два се постојано исполнети со вода и во нив се наоѓаат Големото и Малото Езеро. Нивните басени се заградени со челни морени. Во високите делови на Пелистер, освен камените реки и мориња се застапени и бројни мали периглацијални форми.