Риби
Риби
Науката има сознанија за присуството на два вида пастрмки, но не и за нивната целосна дистрибуција во водите од подрачјето на НП Пелистер. Станува збор за Ѕаlmо peristericus Karaman, 1938 и Ѕаlmо pelagonicus Karaman, 1938.
- Пелистерска пастрмка – Ѕаlmо peristericus
Пелистерската пастрмка за првпат е опишана од страна на Караман (1938) како подвид Ѕаlmо trutta peristericus, карактеристичен за Преспанското Езеро и Брајчинска Река. Пелистерската пастрмка со поголема густина е застапена во водите на реката Германос, од грчка страна, додека со помала густина е застапена во водите од македонската страна – Брајчинска Река и нејзините притоки, како и Кранска Река и Лева Река (притока на Голема Река). Во 2010 година било утврдено присуство на стабилна популација на Брајчинската пастрмка на Ржанска Река, притока на Брајчинска Река, која влегува во рамките на Националниот парк Пелистер.
Во 2011г. пастрмката била детектирана во Брајчинска Река (помеѓу Брајчино и Љубојно), во делот од реката по вливот на Станишар, во Ржанска Река и во долните делови од Крива Кобила. Била евидентирана на Кранска Река, но не и и во водите од Кранска Марушица и Брајчинска Марушица. Во 2015 г. според извршени молекуларни истражувања, утврдени се генетските разлики помеѓу популациите на Пелистерската (Брајчинската) пастрмка во водите од Брајчинска и Кранска Река.
- Ѕаlmо pelagonicus – Пелагониската пастрмка
Во рамките на Националниот парк „Пелистер” влегуваат и водите кои гравитираат кон Црна Река, како дел од Вардарското сливно подрачје. Имајќи предвид дека во водите на Вардарското сливно подрачје живее македонската пастрмка Ѕаlmо mасеdоniсuѕ (Karaman, 1924), по подолг временски период беше решен таксономскиот статyс на Пелагониската пастрмка (Ѕаlmо pelagoпicus Karaman, 1938).
За жал, современи податоци за дистрибуцијата и состојбата на популациите на пелагониската пастрмка во водите на Пелистер, кои гравитираат кон Црна Река, а се дел од Националниот парк „Пелистер” не постојат. Потребни се ихтиолошки истражувања на повеќе водотеци од сливот на Црна, особено на Реката Шемница.
Со цел следење на дистрибуцијата на Пелагониската пастрмка во 2019 г. електрориболов беше извршен на Магарешка Река, Ротинска Река, Цапарска Река, Сапунчица и Црвена Река. На сите горе наведени реки има изградено зафати за водоснабдување. Присуството на зафати е главната причина за намален проток на вода во речните корита. Тоа е можеби една и од причините за отсуство на пастрмка во Магарешка Река и Ротинска Река.
Излов на риби беше спроведен и на реката Сапунчица. На оваа река, во делот кој влегува рамките на Националниот парк “Пелистер”, направен е зафат за хидроелектраната “Сапунчица”, која пак е лоцирана во границата од паркот. На реката Сапунчица, веднаш над зафатот, беше детектирано присуство на пастрмки. Пастрмката не беше регистрирана во Реката Стара Бука. Присуство на пастрмка беше детектирано и на Црвена Река, веднаш над зафатот за водоснабдување.
На Цапарска Река не беше регистрирано присуство на пастрмка. Според локалното население, пастрмката е честопати детектирана, но само во погорните делови од реката (над зафатите за вода за пиење), и со многу помала бројност отколку во минатото.
Не е исклучена можноста од присутво на Пелагониската пастрмка и во Езерска Река. Потребни се ихтиолошки истражувања за да се утврди дали пастрмката ги населува и водите на Зли Дол, Манастрирска Река, Мала Корија и Езерска Река.
Во рамките на Националниот парк Пелистер влегуваат и двете леднички езера Големо Езеро и Мало Езеро, за кои конкретни литературни податоци за ихтиофауната не постојат. Постојат сознанија дека во неколку наврати Големото Езеро е порибено со пастрмка, но за кој вид пастрмка станува збор, во моментов останува на ниво на шпекулации.