Село Маловишта – Врв Пелистер

Село Маловишта – Врв Пелистер

Село Маловишта – Врв Пелистер – патека по Маловишка Река (Шемница)

       

Опис на патеката: должината на патеката е 14 км., а просечното време на минување: 5-6 ч.

Патеката почнува од селото Маловиште, од каде, на горниот излез на селото, се преминува реката Маловишка (Шемница) и се почнува со искачувањето вдолж Маловишка Река до изворот на реката. Потоа продолжува кон месноста Широка, каде се вкрстува со главниот планински па,  кој води за Врвот Пелистер, а вдесно продолжува главниот пат кон Големо Езеро.

Намената на патеката е планинарска, рекреативна, и визуелно е атрактивна. Се искачува нагоре додека не се спои со главниот пат на Пелистер кој води кон Големо Езеро. На платото наречено Семафори,  лево се гледа врвот Козји Камен, се покажува Цапарската Долина, напред е погледот кон Врвот Пелистер, а сосема на десно се отвора убава глетка кон Преспанско Езеро.

 

Тежина на патеката: Средно тешка патека.

Стартно место/надморска  висина: с.Маловишта на 1.140 мнв., Крајна точка: Врвот Пелистер: 2.601 мнв., Вкупна денивелација: 1.461 мнв.

Доминантен дрвенест вид вдолж патеката е буката, и дабот, а се среќаваат и голем број на разновидни тревнести заедници и планински цвеќиња. Од животинските видови може да се сретне, срна, мечка, волк, лисица, дива свиња, зајак, смок, поскок, шарка, гуштер и повеќе видови пеперутки и инсекти.

 

Патеката е од туристички интерес за посетителите на селото Маловишта и е предизвик за искачување до Врвот Пелистер, како највисок врв на Баба Планина. Незаборавна е глетката кон Преспа,  кон врвовите на Баба кон и во Грција, Преспанското Езеро и албанските планини, а од Врвот Пелистер, глетките кон Битола, Пелагонија, кон Ресен и Преспанската котлина, како и кон планините на север од Баба Планина.