Патека Магарево – Јоргов Камен – Црвени Стени

Патека Магарево – Јоргов Камен – Црвени Стени
Село Магарево – Јоргов камен – Црвени стени
Опис на патеката: Патеката долга е 6,5 километри и временски трае 2,30 – 3 часа.
Патеката започнува од над село Магарево, оди по десната страна на Магаревска Река и се искачува до месноста Јоргов Камен, а потоа продолжува низ шума и камењар до месноста Црвени Стени.
Намената на патеката е планинарска и рекреативна, визуелно е атрактивна, проаѓа покрај Магаревска Река и има поглед кон камените „реки“ до искачување до Јоргов Камен, од каде има прекрасен поглед кон Битола и Пелагониската котлина, а потоа од Црвени стени има пејзажен поглед кон Дебел Рид, Орлови Бари и долините на реките Сапунчица и Црвена Река.
Тежина: Лесна до средно тешка.
Стартно место/надморска висина: село Магарево, на 1.057 мнв.
Крајна точка: 1.800 мнв, Црвени Стени, вкупна денивелација: 740 мнв.
Флора и фауна: Доминантен дрвенест вид вдолж патеката е моликата или, македонскиот бор, Pinus peuce Grisebah, и елата (Abies alba), папрадот, јаглика, шумската јагода, качунката, полегнатиот каранфил, здравецот, линцурата, боровинката и сл., а од животинските видови може да се сретне, срна, мечка, волк, лисица, зајак, верверица, крт, планински смок, поскок, повеќе видови пеперутки и инсекти.
Патеката е од значаен туристички интерес за посетителите кои се интересираат за рекреативно искачување до Јоргов Камен и Црвени Стени. Патеката е посебно привлечна за љубителите на пејзажот. Од Црвени Стени можно е набљудување на летот на орли и јастреби.
Делот од патеката кај Црвени Стени има и историско значење, бидејќи во Првата светска војна токму на таа локација се случила најголемата битка на Пелистер, кога се судриле бугарските и француските единици, при што француската војска имала голем број загуби: околу 6.000 војници загинале на тоа место, во еден ден.