Патека преку „Болници“ до Врв Пелистер

Патека преку „Болници“ до Врв Пелистер
Инфо центар – хотел Молика – Камењар („Болници“) – Врв Пелистер
Опис на патеката: Патеката долга е 11 километри и временски трае 4,30- 5 часа.
Патеката започнува од Информативниот центар на Пелистер, месноста „7 Кладенци“, позната како локација: „Вилата на Лазо“. Патеката проаѓа покрај хотел Молика, покрај Копанки, месноста „Болници“ на самиот камењар и завршува на врвот Пелистер.
За посетителите на хотел Молика, старна точка може да биде од самиот хотел.
Намената на патеката е планинарска, рекреативна, повеќе алпинистичка и визуелно атрактивна, со поглед и видливост кон четирите страни на светот, особено од врвот Пелистер, кон Преспанската Котлина, Пелагониската Котлина, врвовите на Баба Планина и градот Битола.
Тежина: Средно тешка патека.
– Стартно место/надморска висина: Инфоцентар НП Пелистер на 1.360 мнв. или хотел Молика на 1.420 мнв.
Крајна точка: 2.601 мнв Врв Пелистер, вкупна денивелација:1.241 мнв.
Флора и фауна: Доминантен дрвенест вид на почетокот на патеката е моликата или, македонскиот бор, (Pinus peuce Gris.), и елата (Abies alba), папрадот, шумските јагоди, жолтата јаглика, качунката и сл., а од животинските видови може да се сретне, срна и срндак, мечка, волк, лисица, зајак, верверица, крт, планински смок (Coronella austriaca) поскок (Vipera ammodytes), повеќе видови пеперутки и инсекти.
Патеката е од значителен туристички интерес за посетителите кои се интересираат за искачување до Врвот Пелистер, кои имаат и подобра кондициона подготвеност. Патеката е позната како Патека преку Болници, а во поголемиот дел проаѓа низ каменести предели и покрај импровизираните болнички засолништа направени од камени блокови, кои служеле за засолување на ранетите во Првата светска војна.
Патеката е целосно одбележана според планинарските стандарди.