Св. Ѓорѓи – Курбиново – најзначаен црковен споменик

Св. Ѓорѓи – Курбиново – најзначаен црковен споменик

Најстариот и најзначаен црковен споменик во околината на НП Пелистер

Црквата Св. Ѓорѓи Курбиново

                  

Во далечната 1191 г., (12-ти век) една мала група на зографи го зографисуваат скромниот  храм посветен на Св. Ѓорѓи  Победоносец, создавајќи го највредниот уметнички ансамбл на средновековието, ренесансниот бисер на Преспа – Црквата Св. Ѓорѓи. Со непремостлив контраст меѓу скромната надворешност и  раскошнта ренесансна  внатрешност, во пазувите на Баба Планина, со векови стои скромниот дом на Ангелот од Курбиново под будната стража на својот патрон Св. Ѓорѓи Победоносец.  Стилот на ателјето на мајсторот, кон крајот на XII век ќе биде пренесен и употребен во катедралите во Пистоја и Пиза, градови од италијанскиот регион Тоскана, каде што подоцна, врз основа на овој тип на фреско-сликарство, ќе се развие и светски познатата италијанска ренесанса.

             

Манастирот св. Горѓи, кој во 1952 г.,  е прогласен за споменик на културата, се наоѓа во атарот на село Курбиново, во непосредна близина на Преспанското езеро, на магистралниот пат Битола – Ресен, на некогашниот римски “Виа Егнатиа”, кај крстосницата “Макази”, каде што се одделува пат за преспанските села. Кај с.Асамати, патот се дели и еден од краците води кон селото Курбиново. Околу 3 км над селото, под планината Баба, т.е. Националениот парк Пелистер, се шири прекрасен панорамски поглед на Преспанското езеро, каде се наоѓа црквата “Св. Ѓорѓи”  мала, скромна, еднокорабна градба која оддалеку и не се познава дека е црква, сè додека не се примети олтарот.

Заслугата за воведувањето на црквата Св. Ѓорѓи во науката, со првата дескрипција на живописот и точното датирање врз основа на стилска анализа, му припаѓа на српскиот историчар на уметност Радивоје Љубинковиќ, автор на првата монографија за Курбиново – Стара црква села Курбинова – Преспанско Језеро – 1942 г., објавена во списанието Старинар.

         

Првите полемики беа околу датирањето на црквата. Кон крајот на 1958 г., е разрешена оваа дилема, при конзеравторските работи под раководство на А. Николовски и З. Блажиќ, кога e откриен запис од „Чесната трпеза“, на северниот дел на олтарот – 25 април 1191 година. Во 1961 г., на 12-от конгрес на византолозите во Охрид беше фрлена првата светлина во откривањето и значењето на црквата Св. Ѓорѓи.

За големото значење на овој споменик прочитакте поопширно на web страницата на Преспанско – Пелагониската Православна Епархија (http://www.pppe.mk/2017/sveti-gorgi-kurbinovo-renesansniot-biser-na-prespa/)