Цркви на Пелагониската страна на НП Пелистер

Цркви на Пелагониската страна на НП Пелистер

Цркви на Пелагониската страна на НП Пелистер

На Пелагониската страна на Баба Планина и НП Пелистер, во селата Трново и Магарево се наоѓаат три значајни црковни споменици: на влезот од село Трново е храмот посветен на Пресвета Богородица, во центарот на селото Магарево се: црквата Св. Великомаченик Димитриј  и Црквата Св. Ѓорѓи, која некогаш била женски манастир.

  

Во центарот на Магарево е црквата “Св. Великомаченик Димитриј”  кој датира од 1834 година. Воените дејства од Првата светска војна оставиле доста траги на него. Дел од неговиот иконостас бил пренесен во Пресвета Богородица во Битола. Храмов празник е 8 ноември, денот на Великомаченикот Димитриј, кој православните христијани го сметаат за чудотворец.Во село Магарево се наоѓа уште една црква од историско значење, тоа е Црквата Св. Ѓорѓи, која некогаш била женски манастир, кој постоел на тоа место. Црквата е еднокорабна градба со полукружна апсида на исток и камбанарија на западниот дел. Изградена е во 1871 година.

           

Во село Ротино се наоѓаат две цркви: Црквата “ Свети Никола”  во Ротино  е подигната во 1870 година. Обновена е и преосветена по Првата Светска Војна. Храмов празник е 19 декември.  Манастирската црква Св. Илија во близина на село Ротино е понова градба која според кажувањата на локалното население е изградена врз постар манастир. Во село Ротино на 1. 070 м. н. в. во пазувите на Пелистер се наоѓа манастирот “ Св. Илија”  до кој се стига низ патче кое минува низ дабова шума. Црвата и манастирските одаи се споени во една целина. Манастирот е сместен на периферијата, на јужната страна на село Ротино, на околу 200 метри од последната куќа. Густата букова шума на Баба планина, уреденото излетничко место веднаш до Манастирот и Ротинското езеро, се главните причини поради кои овој манастир е една од омилените дестинации за посета на битолчани.

 Манастир Св. Петка – село Цапари

Манастирскиот комплекс Св. Петка во село Цапари е сместен во густатата букова шума на Баба Планина. Според пишуваните извори се верува дека на ова место постоел манастир уште во 16 век, кој пак бил обновен во почетокот на 18 век. Денешната манастирска црква според натписот над западниот влез е изградена во 1849 година.

       

Црквата има форма на мала трикорабна базилика и е живописана од непознати мајстори. До манастирот се стигнува преку тесен асфалтиран пат во должина од околу 1 км од село Цапари. Овој манастир е една од омилените дестинации на битолчани во летниот период, како прибежиште од летните горештини во градот. Во согласност со црковниот одбор, сите добронамрници можат и да ноќеваат во конаците на манастирот.  Храмов празник е 8 Август.

Подолу е листата на цркви и манастири на Пелагонсиката страна од НП Пелистер:

Маловиште – Св. Петка, Св. Ана, Св. Ѓорѓи и Св. Спас  (Маловиште е единственото село што се наоѓа во границата на НП Пелистер).

Цапари – Св. Петка и Св. Ѓорѓи

Ротино – Св. Никола и  Манастир Св. Илија

Трново – Св. Богородица

Магарево – Св. Димитрија и Св. Ѓорѓи

Нижеполе – Св. Петка

Дихово – Св. Димитрија

Брусник – Св. Димитрија

Лавци – Св. Никола

Буково – Св. Димитрија и Манастир Св. Преображение

Крстоар – Св. Петар и Павле и Манастир Св. Христифор

Бистрица – Св. Ѓорѓи

Олевени – Св. Ѓорѓи

Барешани – Св. Меркуриј

Канино – Св. Богородица

Велушина – Св. Богородица

Драгош – Св. Илија и Св. Никола

Граешница – Св. Богородица