Стартува изградбата на Адреналинскиот парк

Стартува изградбата на Адреналинскиот парк

Следната работна недела, пред почетокот на декември, почнува со изградба новиот авантуристички парк за возрасни и деца во Националниот парк Пелистер. До Нова година, во зависност од временските услови, се предвидува да бидат завршени половина од предвидените содржини на паркот, а до напролет заклучно со месец април, паркот ќе треба да биде целосно завршен согласно проектот. Најпрво ќе се работи на содржините за искачување на карпа, а потоа и на авантуристичката содржина зип-линија. Во суштина, паркот ќе изобилува со привлечни содржини, со атрактивни бои и форми со многу интересни детали, кои би го направиле престојот што поинтересен.
„Балкан – нет логистик“ од Битола е фирмата која ќе го гради паркот. ЈУ Национален парк Пелистер – Битола, веќе го потпиша договорот со фирмата изведувач на адреналинскиот парк, кој се спроведува во рамките на Проектот „Авантура преку границите“ со акроним – adventTour.

Изградбата на паркот се оценува од особено значење за Националниот парк Пелистер и ќе претставува еден од поголемите и позначајни проекти на институцијата, смета првиот човек на паркот, Осман Шукриу.

„Фирмата ‘Балкан – нет логистик’ од  Битола ќе го гради авантуристичкиот парк на Пелистер како најповолен понудувач од пријавените на тендерот. Изведбата на терен зависи од временските услови, но ние сме среќни што работите се движат до реализација на овој значаен проект, не само за нас како Национален парк Пелистер, туку воопшто за градот Битола, за поширокиот Пелагониски Регион, за државата. Адреналински парк засега има Крушево, но нашиот парк ќе биде поголем во простор и посодржаен. Во зависност од временските услови, особено од врнежите од снег, паркот со сите содржини би требало да биде готов до април следната година, по што ќе следат другите подготвителни активности се до пуштањето во употреба“, изјави Осман Шукриу, директорот на ЈУ Национален парк Пелистер – Битола.

Авантуристичкиот парк ќе се гради на простор позади Инфо – центарот на Националниот парк Пелистер. Односно, паркот ќе биде сместен на локација над вилата „Седум Кладенци“ или меѓу народот попозната како „Вилата на Лазо“, на надморска височина од околу 1.400 метри.

„Со работа на терен почнуваме од следната работна недела, а веќе интензивно се подготвуваме со материјали. Засега временските услови ни се наклонети и доколку не заврнат поголеми наноси на снег, за брзо време, до Нова година ќе реализираме 50 проценти од предвиденото за реализација на адреналинскиот парк на Пелистер. Останатото ќе треба да се заврши заклучно до крајот на април. На старт ќе работиме на елементите на карпата или содржина позната како виа- ферата, а потоа и на зип-линијата. Таа ќе биде во должина од 250 метри, почнувајќи  десно од рампата на Голема Ливада  и ќе се движи во правец кон Братиндол. Што се однесува до карпата за искачување таа ќе биде намената и за планинари и за рекреативци, со вертикални и хоризонтални линии.

Парковите за возрасни и деца ќе ги работиме по Нова година. Адреналинскиот парк со содржини за возрасни и деца ќе биде зад Инфо-центарот на Националниот парк Пелистер, за чија цел на 12 дрвја ќе бидат поставени елементи за оваа активност“, изјави Антонио Стојановски, сопственик на фирмата изведувач „Балкан – нет логистик“ од  Битола.

Покрај градежништвото, изведувачот треба да обезбеди и опрема и тоа сигурносни кабли, шлемови, сигурносни појаси и безбедносен систем.

Стојановски вели дека она на што особено ќе се внимава и ќе се работи по сите светски стандарди е безбедноста во адреналинскиот парк.

„Приоритет ни е квалитетот на материјалите и безбедноста на содржините на самиот парк. Тука пред се мислиме на безбедносните сајли, вградените елементи, за што ќе се употребат квалитетни прохром материјали. Важно е дека опремата ќе биде од висококвалитетни нерѓосувачки материјали. Што значи во секој поглед ќе се запазат сите светски стандарди за вакви позиции и локации за што екипа од нашата фирма  беше во Словенија, во посета на два адреналински парка, да собере искуство во поглед на идејата и на квалитетот на изработка на една ваква содржина“, наведува Стојановски.

Во исто време и екипата која ќе работи на изградба на паркот е високо стручна со претходно искуство, со лиценци и сертификати и исполнување на стандарди за вакви изведби. Ангажираните стручни лица веќе работеа на Кањонигот во Мариово, исто така рекреација на отворено, наведуваат  од „Балкан – нет логистик“ – Битола.

Паралелно со изградбата на авантуристичкиот парк, ќе се работи и на негова промоција и афирмација во широки рамки. За доближување на оваа туристичка атракција  до граѓаните и потенцијалните туристи, е задолжена маркетинг агенцијата „Нова Солутионс Дооел“, која има задача на иновативен начин, да даде значаен придонес кон зголемување на посетеноста и заживување на НП Пелистер.

„’Нова Солутионс Дооел’ е прва дигитална маркетинг агенција која се занимава со креирање на дигитални маркетинг кампањи. Нејзината задача ќе биде спроведување на маркетинг кампања на социјалните мрежи, како и изработка на корпоративно видео на проектот“, изјави Предраг Стојковски, извршен директор на дигиталната агенција „Нова Солутионс Дооел“.

Јавната установа Национален парк-Пелистер Битола е трет партнер во проектот „Авантура преку границите“ со акроним-advenTOUR кој се спроведува во рамките на INTERREG ИПА Програмата за прекугранична соработка Република Грција-Република Северна Македонија, 2014-2020. Овој проект е кофинансиран од Европска Унија и од Националните фондови на земјите учеснички. Вкупниот договорен буџет на проектот изнесува  653.670 евра, а додека вкупниот буџет на НП Пелистер е 203.500 евра.

Во големите планови, Пелистер да добие Авантуристички парк е вклучено и  Министерство за локална самоуправа, како ко-финансиер со поддршка од 15 проценти од вкупната сума за изведба на проектот.

Со оглед на значењето на овој проект за градот Битола и НП Пелистер, Советот на општина Битола донесе одлука да се издвои финансиска поддршка за дополнителни содржини за реализација на проектот Авантуристички парк на Пелистер.

Поддршката од Општина Битола е во висина од 2.4 милиони денари за ЈУНП Пелистер, за обнова и изградба на постојната и нова инфраструктура во паркот.

– Изградба на мали придружни објекти во рамките на Авантуристичкиот парк,

– Ревитализација и соодветно уредување на патека по Камењар,

– Уредување и ревитализација на пешачка патека – детска едукативна патека,

– Уредување и ревитализација на велосипедска патека од село Магарево – Голема Ливада – Цапарска Пресека – Инфо-центар.

Во целина, Авантуристичкиот парк на Пелистер поттикнува и една друга димензија, воспоставување нови и зацврстување на веќе постојните релации на прекугранична соработка на Република Северна Македонија и Република Грција.

Автор на текстот е Анета Блажевска.

Одрекување:

„Содржините и сликите објавени во овој е – весник се единствена одговорност на Националниот парк Пелистер и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Европската унија, на земјите учеснички и на Управувачкото тело на Програмата“.