Еразмус + проект „Немаат сите училници ѕидови“

Еразмус + проект „Немаат сите училници ѕидови“
„Немаат сите училници ѕидови“ – Ова е името на нашиот најнов проект, но слободно може да се каже дека ова е фраза што целосно важи за нашето училиште Гоце Делчев од Могила. Секогаш отворени за нови иницијативи, секогаш подготвени за нови предизвици, секогаш на нивото на задачата. Така беше и неделава што измина, кога од 26 до 30 Септември училиштето беше центар на низа извонредно интересни активности како домаќини на Еразмус плус проектот Not all classes have walls. Ова е голем проект, во кој учествуваат 6 европски земји Македонија, Словачка, Турција, Романија, Бугарија и Италија. На нашата мобилност имавме 33 гости, од кои 22 ученици и 11 наставници.
Целта на овај проект е учениците да се стекнат со вештини кои ќе им помогнат да ги развиваат своите креативни, создавачки потенцијали. Секако, како и во секој добар проект, се развиваат и соработката, јазичните вештини, презентерските способности и тимската работа меѓу сите учесници и се јакнат емпатичноста, прифаќањето и интеркултурноста.
Во нашето училиште се одржаа низа работилници:
– Рециклирање хартија и цртање на рециклирана хартија
– Украсување на платнени торби за повеќекратна употреба
– Засадување на растенија
– Работилници за храна Slow food
– Редизајн и реупотреба на пластични шишиња
– Презентации за справување со отпад
На 29.09.2022 год. нашите гости имаа можност да уживаат во убавините на Пелистер. „Децата и заштитата на животната средина“ беше темата на мобилноста во нашето училиште. А како поинаку би ги поттикнале учениците да размислуваат на оваа тема ако не преку посета на најживописниот Национален парк во нашето опкружување – Пелистер. Убавината на Пелистер секако ја поттикна кај учениците желбата за зачувување на едно вакво катче кое може да се користи за одмор на очите, рекреација и секако како една училница на отворено. Учениците преку работилница научија за важноста на биодиверзитетот. Впечатоците на нашите гости само ни потврдија дека Пелистер е местото кое секој треба да го посети доколку сакаме да создаде вистинска слика за нашата Македонија.