Антена -Врв Пелистер

Антена -Врв Пелистер

Пелистер –  Антена – уште од 1965 година

„Куќа имам на Пелистер, кој му стиска нека дојде…“ – се вели во една народна македонска песна. Ваквиот приказ највпечатливо ја илустрира  највисоко населената точка во Македонија, а тоа е таму горе високо, на Антена, Предавателниот пункт „Пелистер“ на Македонската радиодифузија на врвот на Пелистер, на надморска височина од 2.601 м., е највисоко населената точка во Македонија. Пелистерската антена  е втора височинска точка на Балканот и во поширокиот регион (После Мусала – Бугарија), која е постојано населена со луѓе, уште од далечната 1965 година.

Токму во таа година на Пелистер беше поставен Радио-телевизискиот предавател поставен на монтажниот метален антенски столб донесен претходно на врвот Пелистер со помош на воловски запреги. Волшепството на телевизиската слика со пренесување на сигналот на Италијанската телевизија РАИ беше една од тогаш, новите причини, за популарноста на Врвот Пелистер меѓу жителите на РМ. Објектот на  Радиотелевизискиот пункт на Пелистер, во тоа време бил со скромни услови. Првичниот бјект бил изграден од камен  од страна на битолски планинари и ентузијасти,  и  се состоел од две простории , од кои во едната просторија бил сместен  агрегатот и трансформаторот, а другата просторија служела за живеење на персоналот. Потоа уследило проширување на првичниот објект и изградба на уште еден кат. И персоналот кој  дежурал во смени се проширил со повеќе „жители“ на Антена.

Искачувањето до работното место, до репетиторот на Пелистер се одвивало во отежнати услови, пешки во различни метеоролошки прилики. Главно се користеле две патеки, едната за во зимски услови со снег и другата за во лето, кога е релативно суво. Притоа, во лето се користеле и коњи, а во зима и платени носачи од селата Трново и Магарево. Така било петнаесетина години, се до пробивањето на земјениот пат до Антена од страна на припадниците на ЈНА (Југословенската народна армија) кои со механизација и работна сила го пробија патот, кон  средината на седумдесеттите години,  по кој и денес се стигнува до Антена.

Пристапот на екипажите за на Антена станал поедноставен, па покрај теренско возило било набавео  и зимско возило гасеничар-ратрак. Во тие години бил користен и објектот Ловечка куќа (1.950 м.) на Широка, која била наменета како попатна станица, за преноќиште во услови на невреме и вејавици. Лошите временски услови биле составен дел на работата и животот горе високо на Антена.

Меѓутоа, крајот на седумдесеттите години од 1977-79 година  со изградбата на новиот проширен објект на Предавателот со корисна површина од околу 700 квадратни метри, условите за работа и престој значително се подобриле, а достапот до Антена  постанал побрз и посигурен заради набавката на ново посовремено зимско возило-ратрак.

Во текот на речиси шестдецениското постоење на Предавателниот радиотелевизиски пункт „Пелистер“ во него работеле голем број техничари и домари, и сите на свој начин придонесувале за чист и непречен радио и телевизиски сигнал до радио и телевизиските приемници во нашите топли домови. За тоа да биде така некој деноноќно бил дежурен горе на  врвот Пелистер на 2.601 метри што е за особена почит.

Додека своевремено вработените се грижеа за непречено функционирање на неколку предаватели (Радио Скопје 1 и 2, Македонска телевизија 1 и 2, релејот на ЈНА и на полицијата) денес, горе на антенскиот столб се монтирани предаватели од над стотина радија, телевизии и посебно мобилни оператори. Техниката и технологијата напредува, бројот на предаватели енормно расте, а бројот на персоналот останува речиси непроменет. Поранешните две екипи од по двајца (техничар и домар по две седмици работа), со текот на времето се променија во три екипи од  по тројца (два техничари и еден домар, по една седмица дежурство) како што е и денес.

Глетките од Пелистер

Прекрасни се глетките од Врвот Пелистер посебно на моментите на изгрејсонце од кај Ниџе или зајсонце кон Галичица и Јабланица. А видикот од горе, од високо, не стигнува само до споменативе планини. Видикот продолжува многу подалеку.  Во мирно и стабилно време, волшебна е глетката кон највисокиот врв на Македонија, Кораб,  потоа, на целиот масив на Шар Планина, нешто подолу на Солунска Глава, па Вихрен со Пирин Планина, понадолу на Беласица и секако митскиот Олимп,  дури до гордиот Грамос и така во круг до Јабланица и Дебарца со Караорман.

Ете тоа може секој да го види и да го доживее на свој начин од горе, од врвот Пелистер. А за да се стаса до врвот треба да се вложи извесен напор. И дури потоа може да се запее македонската народна песна „Куќа имам на Пелистер…, кој му стиска нека дојде… “

Текстот на Драган Ристевски: „Антената горе високо…“ објавен во „Битола Њуз“ е адаптиран за потребите на оваа страница. Оригиналниот текст можете да го прочитате во следниот линк: https://bitolanews.mk/2018/03/03/%d0%b0%d0%bd%d1%82%d0%b5%d0%bd%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%b3%d0%be%d1%80%d0%b5-%d0%b2%d0%b8%d1%81%d0%be%d0%ba%d0%be-%d0%b4%d1%83%d1%80%d0%b8-%d0%bd%d0%b0-%d0%b2%d1%80%d0%b2%d0%be%d1%82-%d0%bf%d0%b5%d0%bb/

Пелистер — највисокиот врв на Баба Планина

Пелистер — највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2.601 м надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Македонија. Често името на врвот Пелистер, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Пелистер е воедно прогласен за национален парк во 1948 година, тој има вкупна површина од 17.150 хектари и географската положба на паркот е 40°57’ СГШ и 21°14’ ИГД[1]. Го опфаќа врвот Пелистер и се протега на падините на Баба Планина.

Потекло на името

Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древномакедонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името Пелистер доаѓа од зборовите „пет лисје“. Кованицата бели+стени= белистени=пелистер е една од можните варијанти за потеклото на името Пелистер. Исто така, има мислење дека името „Пелистер“ е кованица од бел+истер = бел-истер = пелистер. Како аналогија се зема името на полуостровот Истра и ред други топоними, ороними и сл. од претсловенско време, од т.н. старовенетски период. Значењето на „истер“ и ден-денес во македонскиот јазик како и милениуми претходно се употребува, означувајќи нешто што е истерано, извишено, било во висина, било во море и сл. Колку за потсетување, старото име на реката Дунав е исто така Истер!

 

Истото име го носи и планината Пелистер (грчки: Λάκμος, Лакмос или Περιστέρι, Перистери) на пограничното подрачје меѓу Епир и Тесалија како продолжеток на венецот Пинд.