Маловиште

Маловиште

Маловиште (познато и како Маловишта) — село во Општина Битола, на 20-ина километри од градот. Тоа е планинско село, на подножјето на Баба Планина и е единствената населба во границите на Националниот парк Пелистер. Во Маловишта живеат стотина жители, додека за време на викендите, бројката на присутните жители преминува и 500.

Маловишта е специфично село, со интересна, автентична архитектура. Селото има убави, големи куќи градени од камен, на традиционален начин. Белег на старата архитектура се сочуваните стари калдрмисани улички, камените мостови и изгледот на мала градска населба. Во центарот на селото се издигнува црквата Св. Петка, со својот сочуван фрескоживопис, како и извонредниот дрвен иконостас изработен во длабока резба. Црквата Св. Петка, е изградена во 1856 година. Во центарот има јавен објект каде што е поставена изложба за традиционалната култура на селото. Во Маловишта нема угостителски објект, но со претходна најава, месните жители можат да организираат ручек во самото село, и тоа познати влашки специјалитети, како на пример влашката пита, јагне печено во фурна и други традиционални локални јадења.

Маловишта датира уште од античко доба, од четвртиот век во нашата ера на локацијата Попова Нива на два и пол километри од сегашната, а за денешната локација се знае од XVI век наваму. Во XIX век, селото имало над 2.000 жители и било центар во кој се доселувале Власите од Москополе, од Грамос и од Епир. Во тој период, во селото имало две грчки и две романски училишта, а речиси секој жител зборувал по два-три јазика. Со миграционите движења и војните и Маловишта ја доживеало судбината на сите села. Богатите Власи, кои главно биле трговци, се преселиле во богатите балкански метрополи, а селото се испразнило. Но, во последните 10 години, благодарение на силното влашко лоби, тоа пак се обновува.

Според статистиката на Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, Маловиште е големо село со 2.300 жители, Власи. Според последниот попис од 2002 година, Маловиште има 98 жители и тоа, 10-Македонци, 1 – Аалбанец  и 87- Власи, и селото сее смета за мала населба.

 

Културни знаменитости

Црква „Св. Петка“ – главната селска црква, изградена во 1856 година на темели од постара црква;

Црква „Св. Ана“ – главна црква на истоимениот манастир, на надморска висина од 1.400 метри, позната по светата вода;

Црква „Вознесение Христово“ или „Св. Спас“ – се наоѓа на 2000 м.н.в, под врвот наречен Пирамида;

Црква „Св. Ѓорѓи“ – се наоѓа на северната страна од приодот кон селото;

Црква „Св. Атанасиј Велики“ – мала црквичка. Се наоѓа јужно од последната куќа во селото.

 

    

 

Маловиште од 2019 г.  е Рурална споменичка целина

Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура донесе Решение за прогласување на село Маловиште за Рурална споменичка целина „Маловиште“, Општина Битола, затоа што претставува значајно културно наследство. Дел од содржината на решението  за прогласување на значајно културно наследство – Руралната споменичка целина Маловишта, општина Битола наведува дека Руралната споменичка целина Маловишта е настаната во доцниот среден век и се наоѓа на подрачјето на К0 Маловишта, општина Битола, со површина од 89.394м2 со следните координати: најисточна точка Y=7511549.70 X=4543101.4Z, најзападна точка Y=7510896.89 Х=4543239.66 најсеверна точка Y=7511445.24 Х=454353.33 најјужна точка Y=7511475.62 Х=4542983.15, на надморска височина од 1118м до 1228м.

Според значењето Руралната споменичка целина се категоризира како значајно културно наследство и ужива гарантирана заштита што ја обезбедува Република Македонија. За споменичката целина се применува режим на заштита од втор степен што подразбира: задржување на постојната мрежа на улици, патеки и канали и другите отворени јавни простори во границите на доброто, со нивните основни карактеристики, со можност за дооформување на улиците со неопходните елементи, улично осветлување, означување и др., како и уредување на јавни простори, вклучувајќи и работи на реконструкција или изведување на други неопходни инфраструктурни зафати, заради подобрување на нивната функција и изглед;

Задржување на постојниот габарит и катност, односно висина, изглед на фасадите со нивните карактеристични декоративни архитектонски елементи, тип на кров и кровен покривач камени плочи, изворни материјали и техники на градење на старите станбени и јавни објекти во споменичката целина, вклучувајќи ги и тие што биле автентично реставрирани или реконструирани, пред воспоставувањето на заштитата на предметното добро…

 

Интересна фотогалерија на село Маловиште од порталот Бабам Битола:

(Галерија) Живописниот дел на с. Маловиште како вреден остаток од влашкото наследство на Битола и Македонија

 

Маловишта, село со ретка убавина…

МАЛОВИШТА, СЕЛО СО РЕТКА УБАВИНА И УШТЕ ПОРЕТКИ ВЛАШКИ ПРЕЗИМИЊА