Копанки

Копанки

Планинарскиот дом Копанки  е изграден далечната 1938 година, реновиран помеѓу 1960-70 година од многу битолски планинари, но пред се од Планинарското друштво “Пелистер”. Се наоѓа на 1.600 м.н.в. на северната страна на планината Баба или популарно Пелистер (според врвот висок 2601 м.н.в.). Пелистер е гордост, на сите вљубеници на планините, но битолчани го чуваат и негуваат со посебна љубов. Трасирани се многу планинарски патеки, направени се многу излетнички места, планинарски домови, чешми, клупи… За голема жал на Битолчани и сите планинари, до мот изгоре во 2011 г., оттогаш, просторот е расчистен од посветените планинари, некои градежни зафати се делумно направени, но домот не е изграден, ниту обновен досега. Во меѓувреме се води имотно-правен спор за сопственоста врз истиот.

До локацијата Копанки се стигнува по добар, асфалтен пат од Битола преку селата Магарево и Трново до Бегова чешма (хотел “Молика” 1.420 м.н.в.) по поминати 18 километри го паркирате возилото, а потоа по планинарска патека низ шума со борови дрва и папрат за 30 минути стасувате до домот. Можно е и со жичница, ама со однапред направен договор. Домот беше двокатна куќа, изградена во цврста градба од камен, малтер и дрво. Домот нудеше 100 легла распоредени во 12 повеќе-креветни и помалку-креветни соби. Има струја, вода, санитарен јазол, имаше трпезарија и бифе за пијалоци и основни продукти.

Пред домот (сега, остатоците од домот), е подигнат споменик на легендарниот битолски планинар Димитар Илиевски – Мурато, првиот Македонец што успеал да се искачи на Монт Еверест. Неговото име го носи еден пелистерски врв и дом, домот близу Големо Езеро. Во негова чест, неговите другари, секоја година во месец мај организираат меморијален планинарски поход.

Можни тури и прошетки: Кон врвот Пелистер 2601 м.н.в. водат две добро маркирани патеки, преку Широка и преку Болници (болници на австро-унгарската војска од Првата Светска војна). Првата патека е побезбедна, а и по двете, за 3-4 часа се стасува до Врвот Пелистер. Оттаму, за уште 1 саат и триесетина минути се стигнува до Малото Езеро (2.180 м.н.в) и уште 1 час до Големо Езеро (2.218 м.н.в.). Од покусите прошетки ја препорачуваме онаа до Јоргов Камен за 45 минути, Црвени Стени за 1 час и 30 минути, до Палиснопје за 40 минути.

На платото пред Копанки постои горниот дел од жичницата која од таму се спушта до Хотелот Молика (Бегова Чешма). Комплетната инфраструктура на жичарницата, ски стазата и ски лифтот се наоѓаат покрај хотел Молика на почетна надморска височина од 1.420 метри каде што е почетокот на жичарницата, 1.610 метри е локацијата на планинарскиот дом Копанки и стартот на Ски стазата на надморска висина од 1.800 метри. Во зимите со повеќе снег Ски Центарот Кпанки е масовно посетен од битолските и надворешни љубители на скијањето.