Локација

Границата на Националниот парк Пелистер започнува од превалот Ѓавато (1.167 м) на север, потоа води на запад по стариот пат за Ресен. По котата од 978 метри границата го напушта стариот пат и прави лачно свртување кон југозапад, го сече шумскиот пат што води за месноста Тутуница и продолжува на југ. Пресекува уште еден шумски пат, а потоа остро свртува кон исток во правец на возвишението Маркова Кула (1.452m) и избива на гребенот на Пелистер кај месноста "Чун". Оттука, границата се движи во јужен правец по планинското било минувајќи низ возвишението Кодра (1.739 м), од каде што во правец на Мала Чука (2.009 м) границата води по работ на шумскиот појас до околу 500 метри југозападно од Голема Чука (2.179 м). Оттука, границата продолжува на исток, минува низ месноста Каранико Чешма и избива на котата од 1.695 метри. Од ова место границата го менува правецот кон југ, ги сече двата изворишни крака на Кранска Река и избива на врвот Марушица (2.091 м).

Локација Мапа

Границите на паркот се прикажани на сликата

Одовде границата води во правец на југозапад, минува низ месноста Ваковско и избива на возвишението Голо Врвче (2.103 м). Потоа границата свртува на исток, минува низ котата од 1.465 метри и продолжува да се движи низводно по потокот Марушица се до котата од 1.115 метри. Од ова место границата излегува на шумскиот пат спрема месноста Ржана и по него води на исток па на југоисток до котата од 1.357 метри. Од оваа кота границата продолжува да води во југоисточен правец спротиводно по Ржанска Река во должина од 1,5 км. Тука границата го менува правецот и води кон југозапад и избива на врвот Балтан (2.117 м). Одовде границата води на исток движејќи се по граничната линија со Грција и избива на Бојаџиев Врв (2.329 м). Оттука, границата се протега во северен правец по главниот гребен на Пелистер при што, најнапред избива на врвот Шкамби и Рофес (2.196 м), потоа благо се спушта и води по францускиот пат и се искачува на врвот Лош Камен (2.081 м). Од ова место границата се спушта, а потоа се издига и избива на врвот Баба (2.093 м) од каде што границата се спушта на котата од 2.216 метри кај месноста Влашки Колиби, а потоа избива на врвот Муза (2.350 м). Оттука, границата свртува на североисток и води по страничниот гребен на Пелистер, при што минува низ котата од 2.202 метри и возвишението Скрково (2.146 м). Во овој правец границата води до месноста Црна Стена (1.909 м). Од Црна Стена границата свртува на запад и се спушта кон реката Сапунџица се до почетната станица на ски лифтот. Понатаму границата продолжува во северен правец кон месноста Дервишка од каде што свртува на југозапад ја поминува реката Сапунџица и продолжува по источните падини на месноста Чам (1.558 м), при што ја сече Езерска Река, потоа ја минува Црвена Река и продолжува во правец на селото Дихово. Понатаму границата води по источните и северните падини на Диховски Рид (1.280 м) следејќи го каналот за вода, а потоа свртува на запад се до јужните делови на селото Магарево. Од с. Магарево границата продолжува на северозапад и излегува на патот што води кон хотелот Молика, кој го сече кај последната куќа во с. Магарево и излегува на патеката што води во правец на с. Цапари. Границата во овој правец води по споменатата патека, при што ја опфаќа месноста Вардиште (1.068 м) и повторно продолжува на запад во правец на с. Цапари. Од под с. Цапари границата продолжува на запад кон селото Кажани водејќи по северните падини на Пелистер до под котата од 927 метри јужно од с. Кажани. Овде границата ја сече реката Шемница и веднаш свртува на север и избива на новиот пат Битола - Охрид. Оттука границата води по новиот пат во должина од 1,6 км потоа продолжува по стариот пат во должина од 5,6 км се до почетната точка кај превалот Ѓавато. Во овие граници површината на Националниот парк Пелистер изнесува 17.150 хектари.